Скопје – Жени и девојки, бидете гласни и храбри затоа што тоа е чекорот кон вистинската слобода, кон слободата на говорот, на изборот, слободата на живеењето. Институциите се тука да ве слушнат и поддржат, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на дводневната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ, гласно и храбро ги поместуваме границите“ што се одржува во Скопје.
Посочи дека преку кампањата на МТСП „Гласна и храбра“ во земјава, реализирани се бројни панел дискусии и работилници и разговарано е со различни целни групи, за да се слушнат потребите, приоритетите и сугестиите на жените, како важен влог при креирањето политиките, стратегиите и мерките за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани.
Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот на државата, истакна дека подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план 2022 – 2024 година, но дека е потребна доследна примена, а сите во својот домен, и лично и професионално, мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост. (30 март)
Дигитализацијата на архивскиот материјал главна тема на состанокот на претставниците на државните архиви од републиките од поранешна Југославија
Скопје – Дигитализацијата на архивскиот материјал е главна тема на состанокот на директорите на националните архиви од државите сукцесори од поранешна СФРЈ овластени од своите влади за спроведување на Анекс Д од Спогодбата за сукцесија, која се однесува на заедничкото архивско наследство.
Емил Крстески, директор на Државниот архив на Република Северна Македонија изјави дека ова е еден од состаноците во последните неколку години, на кој главен акцент ќе биде дигитализацијата на архивскиот материјал и историските документи од 1918 до 1991 година, односно до распадот на поранешна Југославија. Тие треба да се дигитализираат и секоја држава да си ги преземе оригиналните документи или копии од тие архивски материјали, информираше Крстевски.
Во Архивот на Југославија се наоѓа најголемиот дел од материјалите, кои може да се истражуваат, со исклучок на воениот архив, бидејќи според закон, цивилните материјали се отвараат после 30, а воените после 50 години.(30 март)
Доделени 58 уверенија за завршени кандидати за судии и јавни обвинители од седмата генерација на АСЈО
Скопје – Академијата за судии и јавни обвинители повторно докажува дека има исклучително важна улога и го зајакнува правосудниот систем со нови едуцирани, квалитетни правни практичари кои доследно ќе ги применуваат фундаменталните човекови права, ќе ја почитуваат правната традиција на нашата држава и во своето професионално постапување ќе ги интегрираат начелата на владеењето на правото законитоста и правичноста.
Директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска на свечената церемонија по повод доделувањето на 58 уверенија на седмата генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ им порача дека треба да му служат и да го штитат јавниот интерес и да се водат според правните принципи, а не според личната пристрасност или мислење. (29 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.