Скопје – Три суштински регионални договори се потпишани вчера во Берлин во рамки на Самитот на Берлинскиот процес, што ќе ја продлабочат соработката меѓу државите од Западен Балкан. Договорите, потпишани од шефовите на влади на земјите од Западен Балкан, имаат за цел регионална интеграција и слободно движење на граѓаните од регионот.
Премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Србија Ана Брнабиќ, на Албанија Еди Рама, на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, на Косово Албин Курти и на Црна Гора Дритан Абазовиќ, потпишаа три договори – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.
Првиот ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во ЗБ.
Со вториот договор се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Третиот договор го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти. (4 ноември)
Грковска – Гир: Институциите сериозно да се посветат на антикорупциските политики
Скопје – Сите институции сериозно да го земат предвид Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија и да се посветат на унапредување на ефикасноста и одговорното работење, заклучија вицепремиеркатата за политики за добро владеење Славица Грковска и евроамбасдорот Дејвид Гир.
Гир рече дека ЕК посветува особено внимание на антикорупциските политики кои како област се опфатени во речиси сите поглавја на преговарачкиот процес.
Грковска кажа дека презема мерки за редовна координација со сите институции кои се значајни, не само во делот на креирање антикорупциски политики и мерки, туку и во делот на нивно имплементирање со цел ефективно справување со корупцијата.
Таа нагласила дека ефикасните антикорупциски политики и справувањето со корупцијата и организираниот криминал се врвен приоритет на Владата, но за да има успешни мерки кои даваат резултати мора да се обезбеди сеопфатен и координиран пристап и целосна посветеност од страна на сите институции. (3 ноември)
Ковачевски: Интеграцијата во ЕУ е комплекс од прашања за кои се потребни одлуки со широк политички консензус
Прилеп – Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите парламентарни партии да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки што треба да ги носиме во широк, општествен и политички консензус. Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето брзи и квалитетни одлуки во Собранието, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
– Дел од разговорите ќе биде скрининг процесот што се одвива по првата меѓувладина конференција меѓу државава и ЕУ, потоа сите клучни аспекти што се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, економските аспекти на соработката со ЕУ. Интеграцијата во ЕУ веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза државава не е оставена сама, туку според она што го кажа и претседателката на ЕК, но и она што го носам како порака од Берлин, покажува дека регионот на Западен Балкан, се дел од активностите на ЕУ, рече тој. Тој посочи дека веќе во јануари ќе ја добиеме првата транша од 80 милиони евра за справување со кризата, но и една голема сума финансиски средства, пред се, инвестициски, со цел енергетска транзиција на државата (5 ноември)
Нацрт-заклучоци на ЕУ Советот: Потребни изборни ревизии и следење на препораките на Антикорупциската комисија
Брисел – МИА дојде до нацрт-заклучоците на земјите-членки на ЕУ по објавувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија, во коишто е поздравен прогресот, но потребни се дополнителни напори.
Советот на ЕУ се очекува да го поздрави отпочнувањето на преговарачкиот процес со ЕУ како „признание за напредокот“ на Северна Македонија на реформскиот пат кон ЕУ, и ќе го поздрави напредокот во процесот на скрининг на законодавството од страна на Европската комисија.
Се очекува да се потсети дека по локалните избори во октомври 2021 Северна Македонија треба да изврши „сеопфатна ревизија на изборното законодавство“ и да продолжи да ги следи препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија во оваа област.
Во делот на судството нацрт-заклучоците го поздравуваат досегашниот напредок, но се бараат издржани напори за независност, непристрасност, и професионализам на судскиот систем во земјата.
Советот ја истакнува и важноста институциите на државата да ги следат препораките на ДКСК која „проактивно продолжи со работа и отвори повеќе случаи, вклучително и против високи функционери“, порачуваат земјите-членки на ЕУ. Треба да се зајакнат темелните права, слободата на медиумите и слободата на изразување, оценува ЕУ.
Реформата на јавната администрација се смета за ограничена и се бара обезбедување на принципите на транспарентност, заслуга и еднакво застапување. (3 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.