Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Ковачевски во ОН: С. Македонија е пример за функционална мултиетничка држава

Њујорк – Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека “унапредувањето наедно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој“.

Тој истакна дека “мирот не треба да се гледа како крајна дестинација“, и дека тој е “пат со многу кривини, кој се добива со заедничко чекорење“.

“Го велам ова затоа што денес сум тука во името на мојата татковина, РепубликаСеверна Македонија, која денес е пример за функционална мулти-етничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди“, рече Ковачевски.

Тој порача дека Северна Македонија преку својот Устав и образовен систем ги пренесува писмото и духот на Декларацијата за права на малцинствата на Обединетите Нации во реалност, во нашата секојдневна пракса.

„Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и коиспоред највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност. Нашиот образовен систем гарантира и нуди образование за лицата што припаѓаат на етничките заедници на нивниот мајчин јазик, на сите нивоа на образованието, почнувајќи со основното,„ изјави премиерот. (21 септември)

Османи – Ескобар: Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД дава резултати

Њујорк – Министерот за надворешни работи, БујарОсмани, на маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите нации,се сретна со Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за Западен Балкан при што се осврнале и на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

Соговорниците изразија задоволство што Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната. Ваквиот развој на соработката претставува уште една потврда за долгогодишното сојузништво и силно стратешко партнерство меѓу двете земји.

Воедно на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија. Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан која отвора стратешки дијалог со САД. (22 септември)

Битиќи: Кризната состојба ќе овозможи креирање механизми за справување со кризата

Скопје – Прогласувањето кризна состојба во енергијата ќе овозможи механизми за справување со кризата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

“Треба да се побара кризна состојба во подолг временски период за да се креираат механизми за справување со евентуалната енергетска криза чиј извор не сме ние од Владата, туку е глобален феномен. Светските предвидувања се дека кризата ќе трае најмалку до пролетта следната година“, рече Битиќи. Вицепремиерот рече дека доколку Собранието одлучи оти не треба да се продолжи кризната состојба, во тој случај нема да може да се интервернира навремено.

Битиќи исто нагласи дека многу подобро се снаоѓаме во период на енергетска криза отколку земјите во регионот. За наша среќа, како што рече, нашите граѓани и стопанственици досега немаат минута недостаток на електрична енергија освен во регионите каде може да има одредена хаварија.

„Справувањето со енергетската криза не е процес кој може да се случи преку ден или преку ноќ. За тоа стратегиите за енергетика се вообичаени 20 години стратегии. Ние наидовме на стратегија која била направена 90-ти години, а за жал многу малку од тоа спроведено. Имаме стратегија до 2040 година со јасни показателикои за жал ќе треба да се ревидираат заради енергетската криза„, рече вицепремиерот. (21 септември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток