Европската комисија започна отворена јавна консултација за иднината на европската автомобилска индустрија, со цел да им помогне на европските производители против кинеската конкуренција.
Станува збор за Стратешкиот дијалог за иднината на автомобилската индустрија во Европа, кој започна и ќе трае до 13 февруари и има за цел соработка меѓу европските фактори на автомобилската индустрија, социјалните партнери и други засегнати страни за да развијат заедничко разбирање на најкритичните предизвици и можни решенија за да ги претворат во акција.
Резултатите од оваа консултација ќе бидат основа за планот за индустриска акција на ЕУ во областа на автомобилската индустрија, кој ќе биде претставен на 5 март од Комесарот за одржливи транспорт и туризам Апостол Тзитзикостас. Овој план „ќе ги постави јасните насоки за да се осигура дека нашата индустрија може да напредува во Европа и успешно да се натпреварува на глобалната сцена“, истакна претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен. Автомобилската индустрија претставува над 13 милиони работни места и околу 7% од бруто доместичниот производ на ЕУ.
Во четврток, 30 јануари, претседателката на Европската комисија ги свика водечките лидери на европската индустрија, социјалните партнери и засегнатите страни за да започнат со Стратешкиот дијалог за иднината на Европската автомобилска индустрија. „Овој дијалог означува почеток на инклузивен процес и соработка со цел справување со критичните предизвици со кои индустријата се соочува и обезбедување на нејзиниот континуиран успех како главен двигател на европската економија“, изјави Урсула фон дер Лаен. Во овој дијалог учествуваа околу дваесет фактори од индустријата, вклучувајќи ја и Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), Европската организација на потрошувачи (BEUC), автомобилските производители BMW, Daimler Truck, Renault, Volkswagen, Iveco, Traton и Volvo, како и Европската асоцијација на добавувачи на автомобили (CLEPA) и Европската федерација на работници во транспортот (ETF).
Освен грчкиот комесар за транспорт Ап. Тзитцакостас, четири други комесари ќе ги водат дискусиите за клучни теми што се однесуваат на целата вредносна верига на автомобилската индустрија. Комесарот за клима Вопке Хукстра ќе се фокусира на чистата транзиција во областа на автомобилската индустрија и комесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне ќе се занимава со индустриската вредносна верига за секторот. Потпретседателката на Комисијата, одговорна за дигитална и технолошка сувереност Хена Виркунен ќе ги надгледува дискусиите за технолошка и дигитална иновација, додека извршната потпретседателка за социјални права Роксана Минзатоу ќе води по прашања на вештини и социјални прашања на секторот.
Европската комисија се повикува да ги помири еколошките амбиции на ЕУ и повиците за помош на европската автомобилска индустрија која е соочена со казни, во случај на несогласување со целите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (CO2). Комисијата вети „флексибилност“ со еколошките цели за европската автомобилска индустрија на Германија, Франција, Италија и други држави-членки, која е тешко погодена од конкуренцијата на Кина. Истовремено, враќањето на Доналд Трамп во власта во Соединетите Американски Држави предизвикува стравување од експлозија на царинските давачки на европските автомобили.