Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Четири лица настрадани при трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани во неделата, минатата ноќ беа префрлени на лекување во Белгија.  

Како што информира Македонската амбасада во Белгија, четворицата повредени се сместени во четири различни болници во градовите Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа.  

Настраданите беа префрлени во Белгија со специјален авион на Вооружените сили на Романија, со кој истовремено на лекување во Холандија беа пренесени уште четири други лица повредни при пожарот.   

– Антонија, Маја, Петар и Драгољуб пристигнаа во Белгија. Благодарност до белгиската Влада, особено нивното МНР, за сета досегашна промптна помош, како и до Романија и Европската Унија кои го организираа специјалниот лет од Скопје до Брисел. Утре е нов ден, нова надеж за нашите млади сограѓани, им посакувам брзо закрепнување и здравје!, наведе по тој повод амбасадорот на Северна Македонија во Белгија, Методија Белевски. 

Исто времено, голем број македонски државјани кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и превоз за членови на семејствата на повредените, а Амбасадата обезбеди и преведувачи, кои на повредните и нивните роднини ќе им помагаат за превод во комуникацијата со медицинскиот персонал.  

Инаку, во нашата Амбасада во Брисел е отворена и книга на жалост во која наши државјани, но и странски граѓани и дипломатски претставници, оставаат пораки за сочувство за жртвите во трагичниот настан во Кочани. Заинтересираните можат да изразат сочувство секој ден во текот на оваа работна недела од 10:00 до 12:00 и од 13:30 до 15:30 часот, освен в петок, кога книгата на жалост ќе биде отворена од 10:00 до 12:00 часот.

Во големиот пожар што се случи во неделата во рените утрински часови во градот Кочани во источниот дел на Северна Македонија загинаа најмалку 59 лица, а над 150 беа повредени. Повредени при инцидентот се пренесени на лекување и во други земји членки на ЕУ, меѓу кои и Бугарија, Грција, Хрватска, Австрија, Словенија, Литванија и Унгарија, како и во Србија и Турција. (19 март)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.