Скопје – Ова е еден интензивен хибриден напад што ни се случува низ целата територија на земјата, при што беа зафатени околу 120 објекти, не само училиштата. Безбедносните служби активно работеа, безбедноста не беше загрозена, но мораше да се постапува според упатствата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски во гостувањето на Телевизија 24, рече дека интензивно се работи на откривање на сторителите, посочувајќи дека од 19 октомври па се до денеска со опфатени повеќе од 520 објекти со лажните дојави.
-Неколку случаи беа разрешени. Сега имаме една изолирана група и се работи на случајот. Не станува збор за закани кои се случуваат само во нашата земја туку со истото се соочуваат и земјите од регионот. Во последните денови мејловите се испратени од адреси во Иран и Русија, а уплатите на ВПН услугите се со криптовалути што го отежнува пронаоѓањето, вели Спасовски. (6 март)
Детектор анкета: Половина од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да ни ги избира судиите и да биде вклучена во судските процеси
Скопје – Половина од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 47,8 отсто од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители додека 36,1 отсто сметаат дека не треба.
Според етничката структура и Македонците и Албанците во мнозинство сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители, со таа разлика што кај етничките Албанци потребата ја истакнуваат 62,4 отсто, а кај Македонците 42,7 отсто.
Резултатите од анкетата покажуваат дека 50,9 проценти од анкетираните се на ставот дека во одредени судски процеси од висок профил треба да бидат вклучени и обвинители од странство, додека 35,1 процент сметаат дека не треба. Разликата во ставовите според етничката структура на анкетираните и тука е идентична како и на претходното прашање. (5 март)
Османи: Натпартискиот консензус за уставните измени го трасира патот на европски односи меѓу Скопје и Софија
Скопје – Внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, односно промената на овој највисок државотворен акт е важно од две причини, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Прво затоа што дава насока како ќе се постават македонско-бугарските односи долгорочно во иднина. Додека се обидуваа, Република Бугарија пред се, тие односи да ги става во историски контекст, ние најдовме решение дека тие односи ќе се постават на начин на комуникација меѓу две заедници, мнозински македонски народ и малцинска бугарска заедница, коишто живеат во еден нормален соживот во Република Северна Македонија. Така ќе се трасира и патот на односите меѓу двете земји, на двата народа, нагласува министерот Османи во интервју за Рацин.мк.
Решавањето на ова прашање на ваков начин, истакнува Османи, е важно за втората причина, односно за да продолжи процесот на преговори за членство во Европската Унија. (4 март)
МВР и МОН усогласија мерки и упатства за јакнење на безбедноста на училиштата и непречено одвивање на наставата
Скопје – Министерството за внатреши работи и Бирото за јавна безбедност денеска во Владата на координативен состанок го презентираа новото упатство за постапките и мерките што ги презема МВР по добиена информација, сознание или дојава за терористички загрозувања и по основ на упатството разработен е план за мерки и активности за спроведување. Дополнително, се работи и на упатство со мерки од страна МОН до директорите на сите училишта кои ќе имаат обврска да ги применуваат.
На состанокот на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски беше нагласено и дека МВР обезбедува и постојани полициски патроли за обезбедување на училиштата.
Дополнително, како што соопшти владината прес-служба, мерките и активностите кои Министерството за образование и наука веќе ги презема за справување со хибридните закани се надополнуваат со безбедносно јакнење на училиштата со кои се гарантира сигурноста и безбедноста на учениците и наставниот кадар во самите училишта. (3 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.