Скопје – Конзорциумот „Бехтел и Енка“ денеска потпиша договор со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10 д во наредните пет години. Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра.
-Патната поврзаност низ регионот и во Северна Македонија се многу важни. „Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти, а особено на сложени. Ја преземавме одговорноста да обезбедиме највисок стандард што е мошне сериозно за овој проект, рече Марк Алисон, генерален директор за нискоградба „Бехтел“на потпишувањето на договорот во Владата.
За проектот, „Бехтел и Енка“ се номинирани за стратешки партнер од државата. Надзорот ќе го врши ИРД инжинеринг, кој како консултант за финансиски трансакции во име на Владата изминатиот месец ги водеше преговорите со конзорциумот. (8 март)
Агелер: На „црната листа“ за санкции во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња
Скопје – Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Овие листи се многу динамични, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Тоа бара време и истражување, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓа. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, одговарајќи на новинарски прашања за американската „црна лица“.
Агелер по денешната посета на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, посочи дека нема една листа, и дека постојат повеќе листи кои се прават и постојано ажурираат во Вашингтон.
Овие листи се многу динамични. Тоа е постојан процес, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Има луѓе кои се вредни за разгледување, и бидејќи системот во Вашингтон е особено правно внимателен, бара време и бара истражување на наводните криминали, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓаат. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи, изјави Агелер. (8 март)
Буџетска поддршка од ЕУ вредна 80 милиони евра за справување со енергетската криза
Скопје – Особено задоволство ми е кога ветеното се реализира и има резултат. Во криза се важни пријателите, а ЕУ докажа дека има слух за нашите барања – да ни помогне кога беше најдобро, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на настанот по повод презентацијата на грантот од ЕУ за земјава, вреден 80 милиони евра.
Како што напомена Ковачевски, грантот е веќе достапен и овие средства се поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка за малите и средните претрпијатија, за одржување на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори и во енергетската ефикасност.
Во октомври лани, потсети премиерот, кога претседателката на Европската комисија Урсула Фондерлајен беше во посета на нашата држава, порача дека ЕУ ќе биде покрај Северна Македонија и дека заедно ќе ги надминеме предизвиците од кризата. (9 март)
МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција
Скопје – Аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница што се одржуваше денеска помина успешно, со четири пати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата, соопшти попладнево Министерството за финансии.
Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3 проценти.
Ова, појаснуваат од МФ, значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција.
-Интересот на инвеститорите за деветтата еврообврзница беше над 2 милијарди евра или за половина милијарда евра повисок во однос на првата аукција, што ја докажа уште еднаш нивната доверба во политиките кои ги води Владата, истакнуваат од Министерството за финансии. (6 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.