Скопје – Северна Македонија е добар пример за мултиетничко општество и со промена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права во земјата и не се сомневам дека со тоа ќе го зачувате македонскиот идентитет и истовремено ќе напредувате во процесот на пристапување во ЕУ, како што правевте досега, вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.
Членството во ЕУ не може да биде проект на една политичка партија, туку тоа треба да биде аспирација за целата земја. Во Северна Македонија, граѓаните ја изразија својата аспирација за влез во ЕУ, бидејќи сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и да имаат корист од отворените граници, олеснето патување, внатрешниот пазар и стандардите на ЕУ во целина. Накусо, граѓаните сакаат мир, просперитет и подобар живот во ЕУ, за нив и за нивните деца. Затоа одговорност на сите ваши политички лидери е да работат и да ја реализираат оваа цел, вели Борел. (16 март)
Работиме на планот „А“ за Северна Македонија, имате огромна поддршка од земјите-членки, порачуваат дипломати од Брисел
Брисел – Дипломатски извори од Брисел уверуваат дека за Северна Македонија нема план „Б“, туку се работи на планот „А“ за членство на земјава во Европската Унија, за коешто, велат, постои огромна поддршка од земјите-членки.
Од Брисел уверуваат дека Западен Балкан е на врвот на агендата на ЕУ, и оти нема да запре политичкиот интерес за проширувањето, особено во новиот геополитички контекс.
Тие, како што јави известувачот на МИА од Брисел, се децидни дека сега е моментумот да направиме чекор напред, но треба и да испорачаме и да го забрзаме реформскиот процес.
Од друга страна, во однос на тоа колку ќе трае преговарачкиот процес, велат дека ЕК не поставува календар и не може да предвиди колку ќе траат преговорите, но порачуваат државата да направи акциски план којшто ќе биде во исто време и амбициозен и реалистичен. (15 март)
МВР и ДИТ потпишаа Меморандум за посуштинско координирано постапување во сузбивањето на трговија со луѓе
Скопје – Меморандум за меѓуинституционална соработка во откривањето на кривичните дела поврзани со трговија со луѓе и трудова експлоатација и упатување на потенцијалните жртви на овој криминал, потпишаа денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска.
Меморандумот е резултат на потребата за посуштинско координирано постапување на институциите во борбата против организираниот криминал, со уверување дека непосредната соработка ќе придонесе кон поефикасно истражување и гонење на сторителите на кривични дела од областа на организираниот криминал и кон подобрување на првичната идентификација, упатување и заштита на жртвите на трудова експлоатација. (16 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.