Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Треба да ги отстраниме бариерите на патот кон ЕУ, бидејќи Северна Македонија треба да го заземе заслуженото место во Европската Унија, порача денеска од Скопје Натанаел Лимински, министер за федерални, европски и меѓународни прашања и медиуми и шеф на државната канцеларија на Северна Рајна-Вестфалија, говорејќи на конференцијата „30 години македонско-германски дипломатски односи: Билатерална соработка и развојна поддршка со Северна Рајна – Вестфалија“, во Скопје.

-Сериозни сме во поддршката на земјава на патот кон ЕУ, и затоа сакаме да неопходните уставни измени наскоро да бидат донесени. Знам дека ова ќе предизвика дебати во општеството, но тоа е нешто низ кое треба да поминете, и можете да сметате на нас дека сме на ваша страна во овој процес, и се надеваме дека на крајот на сето ова, државата ќе биде помалку поларизирана, рече Лимински. (20 март)

Владата е подготвена да и овозможи на опозицијата да ги формулира амандманите за уставните измени, вели Маричиќ

Скопје – Во наредните денови ќе објавиме кои имиња ќе ги поканиме во експертската група за уставните измени. Ќе испратиме и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на Телма.
 
Тој додаде Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
 
– Мене ми е жал што опозицијата не се вклучува во делот за реформите, кога не сакаат за уставните измени. Ќе разговараме за патоказите, таму имаме можност и потреба од инпут, знаење и политичко мислење за приоритетите и законите што треба да ги направиме. Треба да изградиме став по некои прашања кои ќе ни бидат реформска задача во следните седум години, без разлика кој е власт или опозиција, рече Маричиќ. (20 март)

Грковска: Најслабата алка во справувањето со корупцијата ни е правосудниот систем, очекувам исчекор

Скопје – Најслабата алка во справуавњето со корупцијата ни е правосудсниот систем, очекувам исчекор од правосудството, а тоа го очекуваат и граѓаните, вели вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.

Грковска во одговор на новинарско прашање за коментар за пораките на високиот претствник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на ЕК Жосеп Борел и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека земјава треба да се фокусира на справувањето со корупцијата за напредок во евроинтеграциите, подвлекува дека во делот на нејзините ингеренции се креирање на политики за добро владеење во што спаѓа детектирање на слабости во системот и изнаоѓање начини како тие да се надминат, како и координација со останатите антикорупциски институции во смисла на зголемување на нивните капацитети и се она што е потребно за да ги зајакнат нивните активности за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Ковачевски: Договорот меѓу Косово и Србија значајно постигнување за забрзан прогрес на регионот кон ЕУ

Охрид – Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнувањето договор за анексот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија постигнат во вилата „Билјана“ во Охрид, потенцирајќи дека станува збор за значајно постигнување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.

– Ја поздравувам согласноста за имплементација на договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој ќе биде интегрален и обврзувачки дел на европскиот пат за двете страни. Сметам дека согласност за имплементацијата на анексот на договорот вклучително и согласноста за целосна имплементација на обврските од претходните договори од дијалогот е значајно постигнување. Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ, рече Ковачевски. (18 март)

Битиќи: Во 2023 ќе ја преполовиме инфлацијата, 2024 е година на закрепнување на економијата

Скопје – Тековната 2023 година ќе ја преполовиме инфлацијата, додека 2024, ќе биде година на економско закрепнување со позитивен економски тренд, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој нагласува дека во Европа каде што ние припаѓаме, заклучокот е дека добро се справивме со енергетската, и економската криза и дека тоа ќе има ефект во намалување на инфлацијата, не само кај нас туку секаде во Европа.

– Нашето предвидување е дека оваа година ќе ја преполовиме инфлацијата од таа што ја имавме минатата година, и ако не се случат големи непредвидливи случувања со војната во Украина, оваа година ќе имаме закрепнување, додека предвидувањата за 2024 се дека сите економии, особено тие со кои сме увозно и извозно зависни ќе закрепнат, вклучително и нашата, изјави Битиќи и додаде дека политичките привирања во земјава, особено тие за дневно политички поени, го спречуваат побрзото закрепнување на нашата економија.

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.