AFP, ANSA, Belga, BTA, CTK, EFE, Europa Press, FENA, HINA, MIA, STA, TT
Откако претседателот на САД Доналд Трамп наметна давачки за царина за увоз од Европа и се закани со уште повисоки царински стапки, Брисел побрза да го приспособи својот начин на тргување. ЕУ сега е во итна потрага по нови пазари и сојузници кои сè уште веруваат во фер трговија и во јасни правила.
Повторниот избор на Трамп во ноември веќе го имаше поттикнато блокот да почне да ги зајакнува трговските односи, но случувањата во последниве неколку седмици ја натераа ЕУ и нејзините земји членки да направи уште поголеми усилби.
Распоредот на ЕУ е преполн со состаноци на трговски теми уште од јануари. Блокот се договори да ги зајакне трговските врски со Мексико неколку дена пред Трамп да даде свечена изјава како нов претседател, a на денот на неговата инаугурација повторно ги отвори трговските преговори и со Малезија. Потоа, во февруари и во март, највисоките претставници на ЕУ се сретнаа со лидерите на Индија и на Јужна Африка за да разговараат на теми меѓу кои и трговијата, а во исто време активно градат и поблиски врски со Канада.
Во теков на април, ЕУ почна разговори за соработка со Обединетите Арапски Емирати. „Во вака нестабилен свет, повредни од кога било се партнерствата со сигурни сојузници што јасно ги дефинираат правилата за взаемна добивка“, изјави портпаролот на ЕУ.
Ова мислење сè повеќе се прошири низ целиот континент откако месецов Трамп ги најави царинските стапки за стоки увезени од ЕУ. Првично најави царина од 20 отсто за увоз од блокот, а потоа ја суспендира на 90 дена. Сепак, поголемиот дел од увозните стоки од ЕУ сè уште се царинат 10 отсто.
Шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо на последниот министерски состанок во Луксембург предложи царинската војна со САД да послужи како поттик за ЕУ да ги разграни трговските односи и кон други партнери.
И чешкиот премиер Петр Фиала ја истакна потребата од наоѓање алтернативни пазари. Најави брзо склучување договор за слободна трговија со Меркосур (трговскиот блок на јужноамерикански земји што ги опфаќа Бразил, Боливија, Аргентина, Парагвај и Уругвај) или склопување договори со Индија или со земјите од Југоисточна Азија.
„Сакаме ЕУ да руши ѕидови таму каде што другите градат“, изјави шведскиот министер за трговија Бенјамин Доуса за новинската агенција ТТ уште во март.
Ќе се зближи ли ЕУ со Кина?
И шпанскиот премиер Педро Санчез гледа можности, особено во Азија. Се заложи за „зајакнување и балансирање на економските и трговските односи“ меѓу Кина и Шпанија за време на посетата на земјата на 11 април. Тврдеше дека отсекогаш јасно ставал до знаење дека Шпанија сака „да продолжи да ги развива врз основа на рамнотежа и реципроцитет“.
„Сакаме да придонесеме кон позитивен однос меѓу САД и ЕУ, но неопходни ни се цврсти односи меѓу Кина и ЕУ и меѓу Кина и Шпанија“, додаде тој, велејќи дека е потребен ребаланс на трговијата.
ЕУ во 2024 имаше трговски дефицит од 304,5 милијарди евра со Кина.
Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на таа посета изјави дека „нема победници во ниедна трговска војна и спротивставувањето кон светот единствено води до самоизолација“.
Во Брисел, извори од ЕУ изјавија за италијанската агенција АНСА дека се забележува мала промена во ставот на Пекинг. Повторно се отворени каналите за подобрување на трговските односи со азиската велесила, а за јули е најавен самит на високо ниво меѓу ЕУ и Кина.
Меѓутоа, нееднаквите услови за конкуренција меѓу компаниите во обата блока и можноста кинеските производи да го преплават европскиот пазар наспроти новите пречки за влез на американскиот пазар го наведуваат Брисел да се сомнева дека Пекинг може да стане сочувствителен партнер во блиска иднина.
Земјите од ЕУ размислуваат за засилена трговија со Индија
И Белгија увидува можности во сегашната трговска клима. Исто како и Европската комисија и неколку други земји членки, и Белгија ја смета Индија за привлечен партнер. На почетокот на март, принцезата Астрид од Белгија предводеше голема трговска делегација во Делхи и Мумбаи. Високо на дневниот ред беа фармацевтската индустрија, одбраната, дијамантите, логистиката, воздухопловството и еколошката енергија.
„Ова се чини како совршениот миг Европа одлучно да склучи договори за слободна трговија со нови партнери низ светот, кои се потпираат на нас повеќе од кога било“, рече белгискиот премиер Барт де Вевер кога првично беа објавени царините.
Истиот тој месец, претседателот на Сингапур беше во државна посета на Белгија, како уште еден показател на пошироката белгиска стратегија за продлабочување на врските со Азија.
Идниот германски канцелар Фридрих Мерц е на иста мисла. „Глобалната рамнотежа се менува и ние Европејците имаме потреба од (нови трговски партнери) многу брзо“, рече тој во теков на месецов.
На повидок е договор со Јужна Америка
ЕУ има надеж дека ратификацијата на трговскиот договор со јужноамериканските земји ќе напредува брзо и дека процесот може да се заврши годинава. Договорот беше постигнат лани во декември, но за да биде одобрен, мора да добие поддршка од Европскиот парламент и од најмалку 15 од 27-те земји членки на ЕУ, што е минимум 65 отсто од населението.
Неизвесно е дали ова навистина ќе се случи. Договорот наиде на остри критики од екоактивистите поради загриженоста оти ќе ја подрие заштитата на животната средина и ќе го засили уништувањето на шумите. И земјоделците протестираа против договорот, велејќи дека може да ги стави во неповолна положба имајќи предвид дека производите во земјите во Меркосур подлежат на помалку строги прописи, па затоа можат да се произведуваат поевтино.
Неколку земји од ЕУ изразија незадоволство од договорот, меѓу кои Франција, Полска и Австрија, но итната потреба од нови трговски партнери би можела да го омекне нивниот став и да ја олесни ратификацијата на пактот.
Брисел е „во дијалог“ со најсомничавите земји. Европската комисија има за цел да го заврши правното разгледување на текстот пред крајот на следното лето. Тоа ќе ја овозможи ратификацијата и ќе ги принуди земјите од ЕУ и Европскиот парламент, каде што има и значителни противници, да се изјаснат.
Помалите европски земји сакаат поголема слободна трговија
Во некои помали европски земји постои загриженост околу можното влијание на царините врз економиите на поголемите европски земји, како Германија, на кои тие се потпираат во нивните трговските односи.
Словенија, како мала и извозно ориентирана економија, традиционално е врзана најмногу за европските пазари, а САД се дури 12. по ред најважен словенечки трговски партнер. Затоа, словенечките компании се во потрага по деловни можности на трети пазари, особено на Блискиот Исток и во Азија. Според словенечкиот Завод за статистика, во 2024 вредноста на словенечкиот извоз во земјите надвор од ЕУ пораснала за 25 отсто на годишно ниво, додека вредноста на увозот од овие земји пораснала за 47 отсто.
Зденко Луциќ, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Хрватска, изјави дека САД учествуваат со околу два отсто во стоковната размена на Хрватска. „Сме се соочиле и со поголеми кризи, како што се пандемијата на КОВИД
-19 и војната во Украина, а нашата економија релативно брзо се стабилизира.“
Во Бугарија, САД учествуваат со релативно мал, но стабилен удел во надворешната трговија, приближно 2,5 отсто од извозот и 1,2 отсто од увозот, според податоците на Министерството за економија и индустрија.
Владата на Северна Македонија смета дека ова е мигот кога земјата би можела да ги подобри врските со САД. Царините воведени за Северна Македонија не треба да предизвикуваат паника и не треба да се толкуваат негативно, изјави за новинската агенција МИА министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Можеби ќе го искористиме ова како шанса за мaкедонската економија, бидејќи Владата воспостави добра комуникација со Вашингтон, што е многу важно. Иако моментално нашата трговија со САД е пониска од еден отсто, ова сепак може да се смета за предност во претстојниот период.“
Босна и Херцеговина има слично гледиште. Таа во голема мера се потпира на ЕУ за трговија, при што над 70 отсто од извозот и 66 отсто од увозот ѝ се врзани за ЕУ. Иако САД ѝ се помал трговски партнер, особено за извоз на одбранбени стоки, новите американски царини му наштетија на одбранбениот сектор на земјата, поттикнувајќи ја да размисли за укинување на сопствените царини за да ја олесни трговијата и евентуално да склучи договор за слободна трговија.
Во случајот со Ирска, пак, царините би можеле да имаат значително негативно влијание. Во 2024, земјата извезе стока во вредност од 72 милијарди евра во САД. Голем дел од ова беа фармацевтски производи. Фармацевтската индустрија досега беше ослободена од царините, но Трамп сигнализира дека има намера ова да го смени.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.