Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Владината коалиција е стабилна и има 65 пратеници. Нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, но на главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел, оцени лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред почетокот на првата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“ на тема „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.

-Партијата ДОМ имаше изјава во однос на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ практично е првата партија која тој модел го стави во својата програма и која кажа дека се застапува за него. Од тоа не сме отстапиле и затоа е формирана комисија за ревидирање на изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за едена изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на трибината што се одржува во скопското кино „Милениум“. (14 мај)

Ескобар: Не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот, туку да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија

Скопје – Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија, вели заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Во интервју за Гласот на Америка, Ескобар нагласува дека земјата треба да продолжи напред што е можно побрзо.

Кредибилитетот на процесот на проширување, истакнува Ескобар, зависи од Северна Македонија.

-Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната Меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Северна Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее, подвлекува Ескобар. (13 мај)

Ѓуровска за МИА: Нашето законодавство е речиси половина усогласено со европското, но ќе биде исполнето кога луѓето ќе почнат да го практикуваат

Скопје – Се смета дека нашето национално законодавство е усогласено со европското во обем од приближно 45 проценти. Остваруваме висока продуктивност во креирање на закони и на други јавни политики чија основна цел е да го направат подобар животот во заедницата. Меѓутоа, правото не е исполнето со изгласувањето на некој закон, туку тогаш кога луѓето ќе почнат да го практикуваат во својот секојдневен живот, вели во интервју за МИА проф. д-р Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и преседател на Европско движење во Северна Македонија.

-Во извештаите на Европската комисија редовно се укажува на ниското ниво на спроведување на законите што го оневозможува напредувањето во реформите кои се многу значајни за евро-интегративниот процес. Една од главните причини за незадоволителното ниво на спроведување на законите во практиката е нискиот авторитет на институциите кои треба да ги спроведат нив. Треба многу да се направи за граѓаните да стекнат перцепција дека законите важат за сите подеднакво. Владењето на правото е термин кој го слушаме многу често и тоа е базична европска вредност, меѓутоа не го забележуваме низ практиките во болниците, вработувањата, напредувањето во кариерите, но и во други витални подрачја кои треба да бидат модел на однесување за јавноста, вели Ѓуровска за МИА. (13 мај)

Означен почетокот на изградбата на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10д

Скопје – Поставен е камен-темелникот на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10д, долг 39,3 километри. Со овој проект, како што беше речено, се прави голем исчекор во насока на што побрз, побезбеден и поекономичен транспорт на луѓе и стоки. Изградбата базирана на врвна технологија и стандарди, која ќе поттикне нова динамика во економијата и ќе отвори нови можности за вработување.

-Почнува нова ера во која наместо само 5,8 автопат годишно колку што се граделе изминатите три децении, во следните четири години и седум месеци ќе се градат по 23 километри автопат годишно или вкупно 110 километри, истакна директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање порача дека Владата инвестира во капитални проекти од историска важност.

-Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакануваме транспротните врски во регионот, рече Ковачевски. (12 мај)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.