Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Извештајот на ЕК се стреми кон тоа да даде јасна и објективна оценка за напредокот. Иако, потенцира одредени области каде е постигнат напредок, тој е многу искрен за одредени области каде не е постигнат напредок или пак има ограничен напредок, особено во оние области кои што ние ги сметаме за толку важни во пристапните преговори, како што се владеење на правото, борба против корупција, реформи на јавната администрација и основните чевекови права, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.

Ги охрабриме сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и членството во ЕУ,

Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје

– Извештајот е искрен, но правичен, со тоа ние сакаме да ги охрабриме властите, државните институции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ, рече Гир. (9 ноември)

Нотирани постигнувања, но и критички забелешки – ЕК го објави извештајот за напредокот на европскиот пат

Прес-конференција на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Фото: ЕБС

Скопје – Извештајот на ЕК за напредокот на земјава на европскиот пат е рефлексија на нашата секојдневна борба за унапредување на општеството, беше заклучено при вчерашното врачување на копиите од Пакетот за проширување за 2023 година и од Планот за раст на Западниот Балкан од страна шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир во Скопје на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оцени дека главните забелешки во Извештајот се политичката поларизација и блокадата на работата на Парламентот во донесувањето законски и реформски решенија од страна на опозицијата.

Земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ,

Оливер Вархеји, европски комесарот за проширување и соседска политика

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при презентацијата на пакетот извештаи за напредокот пред членовите на Комитетот за надворешни работи на ЕП посочи дека властите на Северна Македонија продолжија да демонстрираат и јавно да ја декларираат својата посветеност за напредок на европскиот пат и сега кога започна процесот на пристапни преговори, но земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ. (8 ноември)

Трошановски за МИА: ЕК нотира одреден напредок, но не и во клучните области за преговорите

Скопје – Извештајот на ЕК за Северна Македонија нотира напредок во одредени области како надворешната политика, но недостига напредок во сферите кои се клучни за процесот на преговори – владеење на правото и борбата против корупцијата, оценува за МИА политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис.

– Состојбата со реформските процеси во земјата е на објективен начин изразена и многу покритична би рекол во споредба со минатогодишниот извештај којшто имаше повеќе дипломатски фрази во себеси. Се разбира дека главен приоритет се уставните измени и на нив упатува самиот Извештај како неопходен чекор за продолжување на процесот на пристапување, односно на преговори. Она што е најважно е дека се констатира непостоење на напредок во она што е најважно за нашето општество, а тоа се реформите во владеење на правото. вели Трошановски. (9 ноември)

ЕК претстави План за раст на Западниот Балкан за постепено интегрирање на земјите од регионот во ЕУ и пред членството  

Оливер Вархеји, европски комесарот за проширување и соседска политика. Фото: ЕБС

Брисел – Како одговор на невидените предизвици со кои се соочува Западниот Балкан, а кои произлегуваат од потребата за заживување на економиите по Ковид пандемијата и актуелното влијание на руската агресија врз Украина, Европската комисијата предлага ЕУ да даде храбра понуда до земјите од регионот во форма на План за раст што ќе обезбеди можности за зајакнување на нивната социо-економската конвергенција, нивно доближување до единствениот пазар на ЕУ во многу области, како и значителната дополнителна финансиска поддршка.  

Ова се наведува во Планот за раст на Западниот Балкан, кој, според еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји има за цел да се поттикнат економиите на земјите во регионот во следните години и да се намали социо-економскиот јаз меѓу нив и членките на Унијата до крајот на оваа деценија.  

– Сакаме постепено да го интегрираме Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ, дури и пред полноправното членство во ЕУ, изјави Вархеји, додавајќи дека Планот за раст ќе им помогне на партнерите на ЕУ од регионот да ги забрзаат основните реформи, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и демократијата, како и во привлекувањето приватни инвестиции, промовирање на одржлив економски раст и намалување на загадувањето. (8 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.