Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – По повод четири години од членството на Северна Македонија во НАТО, Владата одржа свечена седница со која претседаваше техничкиот премиер Талат Џафери. 

Тој се осврна на патот до зачленувањето и истакна дека од 1993, кога во Собранието е усвоена Резолуцијата, поминавме многу премрежија, активно придонесуваме во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата, за денес да бидеме почитувана и вреднувана членка „која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан“.

Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор односно, како што рече Џафери, „со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада“. Посочи дека членството во Алијансата ги обединило натпартиски и надетнички и граѓаните, покрај политичките субјекти.

Нагласи дека со членството во Алијансата ние сме дел од најразвиените демократии во светот и сме учесници во зачувување на мирот за над една милијада луѓе, а нашата армија се трансформирала на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“. 

– Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја. Денес Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан, истакна Џафери.

Годишнината од членството во НАТО на свечената седница ја честиташе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент „пред почетокот на агресијата на Русија над Украина“.

– Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан, рече Османи, подвлекувајќи го придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и за помош за Украина. Притоа посочи и на учеството во други мисии на нашата армија и дека сме ги достигнале 2 проценти од БДП како наша задача.

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.