AFP, AGERPRES, ANSA, ATA, BTA, dpa, EFE, Europa Press, FENA, HINA, MIA, STA, Tanjug, TT
– Инфлацијата во Еврозоната падна на 2,5 отсто во јуни, во споредба со 2,6 отсто во мај
– ЕЦБ ги спласна надежите за понатамошно намалување на каматните стапки
– Храната и услугите стануваат се поскапи за потрошувачите
Инфлацијата доживеа рапиден пораст со руската инвазија врз Украина на почетокот на 2022 година. Цените на енергијата особено се зголемија, што влијаеше врз цените на индустриски произведените стоки и увозот. Стапката на инфлацијата достигна 10 отсто во 2022 година.
Во јуни, ЕЦБ која е задолжена за одржување на ценовната стабилност, ги намали каматните стапки за 0,25 отсто за прв пат откако бранот на инфлација прв пат го погоди регионот.
Ако инфлацијата падне во Еврозоната, ЕЦБ би можела дополнително да ги намали каматните стапки во текот на годината. Главна цел на банката е достигнување 2 отсто базична инфлација.
Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард се обиде да ги спласне очекувањата за уште едно намалување на каматните стапи. – Ќе ни треба време да собереме доволно податоци со цел да се осигураме дека поминале ризиците од инфлација над целното ниво, рече таа на конференцијата во Португалија.
ЕБА, исто така, повика на претпазливост и ги предупреди кредитните институции со оглед на „високата несигурност“ за економскиот раст, каматните стапки и геополитичките ризици.
Евростат: Инфлацијата во Еврозоната се намалува од година во година
На 2 јули, Европската статистичка агенција – Евростат ја објави својата месечна привремена процена на податоци која покажува дека стапката на инфлација на годишно ниво во Еврозоната се задржа на 2,5 отсто во јуни годинава (во јуни 2023 година изнесуваше 5,5 отсто).
Еврозоната ја сочинуваат од 20 од 27-те земји членки на Европската Унија кои го користат еврото. Бугарија, Данска, Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска во моментов не се нејзини членки.
Според најновите резултати на Евростат, инфлацијата во Белгија изнесува 5,5 отсто, во Шпанија 3,5, Хрватска и Холандија по 3,4, како земји со највисок процент на „Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (ХИПЦ) во јуни, додека Финска со 0,6, Италија со 0,9 и Литванија со 1,0 отсто се со најниска стапка на инфлација.
ХИПЦ помага во меѓународните споредби на инфлацијата на потрошувачките цени и ги вклучува енергијата, храната, алкохолот и тутунот, услугите и неенергетските индустриски стоки. Накратко: дава спореден преглед на бројот на стоки и услуги што ги купуваат европските домаќинствата за време на одреден временски период.
Поглед врз Еврозоната
Франција: Во Франција, каде на 7 јули се одржа вториот круг на предвремените парламентарни избори, цените на енергијата играа голема улога во кампањата со оглед на тоа дека гасот и струјата во голема мера придонесоа за зголемување на инфлацијата и буџетот на државата во претходните неколку години.
Првичните податоци од Националниот институт за статистика и економски студии покажаа дека индексот на потрошувачките цени порасна за 2,1 отсто на годишно ниво во јуни 2024, по растот од 2,3 отсто во мај.
Намалувањето на цените за храната и енергијата во текот на годината треба да го објаснат благото намалување на инфлацијата. Цените на услугите, произведените продукти и тутунот се очекува да растат.
Потрошувачките цени се очекува да останат стабилни во јуни 2024, цените на услугите се очекува да пораснат, додека цените на енергијата и храната треба да опаднат.
Германија: Прелиминарните резултати за инфлација во јуни објавени од Сојузната статистичка служба на Германија покажува дека инфлацијата повторно се намалува. Индексот на потрошувачките цени изнесувал 2,2 отсто во јуни 2024 година (6,4 отсто во јуни 2023 година), што претставува мало намалување од оние во мај (2,4 отсто).
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, изнесува 2,9 отсто. Додека услугите нагло поскапеа, енергијата поевтини во јуни.
Италија: Според Националниот статистички институт на Италија (ИСТАТ), купувната моќ на домаќинствата се зголемила за 3,3 отсто во првиот квартал од 2024 година, во споредба со претходно, благодарение на намалувањето на инфлацијата. Сепак, поголема купувачка моќ не секогаш значи повеќе купување: бруто приходот се зголемил за 3,5 отсто, а потрошувачката само за 0,5 отсто.
Првичните резултати од институтот за статистика за јуни покажуваат дека ХИПЦ се зголемил за 0,2 отсто на месечно ниво и 0,9 отсто на годишно ниво (од 0,8 отсто за претходниот месец).
Шпанија: Според Националниот статистички институт на Шпанија, индексот на потрошувачките цени изнесувал 3,4 отсто во јуни, што претставува благо намалување во споредба со јуни 2023 година (3,6 отсто). Оваа промена е благодарение на пониските цени на горивата, додека цените на храната се зголемиле, но тоа е во помала мера во споредба со јуни 2023 година. Понудите за „забава и култура“ пак поскапеле во јуни споредбено со истиот месец претходната година.
Словенија: Инфлацијата во Словенија значително почна да отстапува од целното ниво од 2 отсто во есента 2021 година, дури и пред руската инвазија на Украина.
Потрошувачките цени пораснале за 19 отсто во периодот од октомври 2021 година до јуни 2024 година, покажуваат резултатите од Заводот за статистика. Годишната стапка на инфлацијата го достигнала врвот летото во 2022 година со зголемување од 11 отсто. Во текот на минатата годината инфлацијата полека се намалува, достигнувајќи тригодишно најниско ниво во јуни оваа година на 1,5 отсто.
Втората половина на 2023 година забалежа значителен пораст на цените на услугите, но и покрај тоа, официјални податоци покажуваат дека просечниот животен стандард во Словенија останал главно непроменет, делумно поради значајното зголемување на платите.
Хрватска: Во последниве години, инфлацијата во Хрватска беше малку повисока во споредба со просечната во Еврозоната, на која Хрватска и се приклучи на 1 јануари 2023 година, но сепак пониска од европските земји надвор од зоната на еврото.
Истражувањата на Државниот завод на статистика покажуваат дека цените на стоките и услугите за лична употреба, измерени со индексот на потрошувачките цени, според првичните проценки во јуни 2024 година, во споредба со јуни 2023 година, се повисоки за 2,4 отсто. Додека во споредба со мај, тие останале исти.
Генерално, цените на храна во Хрватска се зголемија во текот на претходните години и полека се приближуваат до оние од западните европски земји. Цените на становите значително се зголемиле благодарение на растот на туризмот и економијата.
Поглед надвор од Еврозоната: Шведска, Романија, Бугарија
Шведска: Шведската Влада внимателно прогласи победа во борбата против инфлацијата, но сè уште постојат грижи во врска со пазарот на трудот и прехранбената индустрија.
– Зимата беше тешка и иако сега сонцето грее, сè уште не дошло лето за шведската економија. Сè уште се соочуваме со многу проблеми. Стапката на невработеност е многу висока, изјави министерката за финансии Елизабет Свантесон и додаде дека конкрентноста во прехранбениот сектор е „многу слаба“ што придонесува до „повисоки цени за потрошувачите.“
Шведска моментално е трета земја во ЕУ со најголема стапка на невработеност после Шпанија и Грција.
Романија: Според податоците на Државниот завод за статистика на Романија, во мај инфлацијата изнесувала 5,1 отсто, во споредба со 5,9 отсто во април. Цените на храната, стоките и услугите се зголемени. Цените на поштенските услуги, лековите и детергенти доживеаја најголемо зголемување во мај 2024 година за околу 25 отсто во споредба со истиот месец претходната година.
Евростат соопшти дека Романија била земјата со најголема инфлација во ЕУ во првите месеци на годината.
Бугарија: Главната тема на дискусија поврзана со стапката на инфлација во Бугарија е нејзиниот потенцијал да се приклучи кон Еврозоната. Во јуни 2025 година, Европската комисија оцени дека Бугарија не ги исполнува целите за ценовната стабилност за воведување на еврото, според резултатите на ЕЦБ.
На 18 јуни, Евростат соопшти дека годишната инфлација во Бугарија, измерена според ХИПЦ, достигнала 2,7 отсто во мај и 2,5 отсто во април. Годишната инфлација во Бугарија беше еднаква или помала од годишната инфлација во ЕУ во август 2021 година.
Кандидати за членство во ЕУ: Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија
Албанија: Во Албанија, зголемувањето на цените забави, што многу им помогна на потрошувачите, после големото зголемување пред две години. Базичната инфлација продолжува да се намалува и во моментов е најмала што била во претходните три години.
Во мај, базичната инфлација падна на 2,3 отсто од 3,2 отсто на крајот на претходната година и 5,4 отсто истиот месец лани. Порастот на базичната инфлација е најнизок од октомври 2021 година.
Босна и Херцеговина: Годишната стапка на инфлација во Босна и Херцеговина остана стабилна на 2 отсто во април, според последните податоци од Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина. Сепак, Централната банка на Босна и Херцеговина предвидува дека вкупната инфлација ќе се зголеми на 2,9 отсто во третиот квартал.
Економијата на Босна и Херцеговина е мала и во голема мера зависи од ЕУ, нејзиниот најголем трговски партнер. Поради тоа, економските трендови во Унијата внимателно се следат. Економските експерти сметаат дека високите цени на производите се резултат на прекумерната зависност од увоз на храна.
Северна Македонија: Годишната стапна на инфлација во Северна Македонија изнесуваше 4,5 отсто во мај 2024, највисока од септември 2023 година, по зголемување од 4 отсто во април.
Растот главно е поттикнато од зголемувањето на цените за транспорт, цените на становите и комуналните услуги, ресторани и хотели. За споредба, се намалија цените на храната, безалкохолните и алкохолни пијалоци, тутунот и облека и обувките. На месечно ниво, потрошувачките цени во мај се зголемиле за 0,9 отсто и 0,7 отсто претходниот месец.
Србија: Националната банка на Србија (НБС) објави дека според податоците на Републичкиот институт за статистика, годишната инфлација се намалила на 4,5 отсто во мај, која, во согласност со проекциите на централната банка, се врати во границите на поставената цел. Според сегашната проекција, НБС очекува инфлацијата да продолжи да забавува со растот до крајот на годината.
Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.