Додека пожарите продолжуваат да горат во повеќе Европски земји, Координативниот центар за одговор при итни состојби на ЕУ (ЕRCC) функционира 24/7 да изнајде начин за справување со пожарите, изјавија од Европската Комисија во август.
За време на јули и август, шумските пожари пустошеа во неколку европски земји, вклучувајќи ги и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Северна Македонија и Португалија. Како одговор на тоа, ЕУ го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита (ЕМЦЗ) за земјите на кои им е потребна помош од нивните партнери за да се борат против опустошувачките и смртоносни пожари.
За да се зајакне подготвеноста во летната сезона на пожари, Комисијата го воспостави rescEU и Европската резерва за цивилна заштита (European Civil Protection Pool) со воздушни капацитети кои сега вклучуваат 28 авиони и 4 хеликоптери стационирани во 10 земји-членки.
Според Европската Комисија, 556 пожарникари од 12 земји се стратешки распоредени на клучни локации низ Европа-во Франција, Грција, Португалија и Шпанија-подготвени да им помогнат на локалните противпожарни единици во случај на шумски пожари.
Што претставува Европски механизам за цивилна заштита?
Во 2001 година, Европската Комисија го воспостави ЕМЦЗ, чија цел е да ја зајакне соработката помеѓу земјите учесници за цивилна заштита, да ја подобри превенцијата, подготвеноста и одговорот при катастрофи.
Секоја земја има право да побара помош преку ЕМЦЗ за време на катастрофи. Комисијата има важна улога во координирањето на одговорот при катастрофи во целиот свет, придонесувајќи за најмалку 75 проценти од транспортните и/или оперативните трошоци на распоредувањето.
Покрај земјите од ЕУ, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Србија, Турција и Украина исто така се учесници, иако (сè уште) не се дел од блокот.
Босна и Херцеговина, на пример, официјално се приклучи на ЕМЦЗ во 2022 година-важен момент за земјата што истата година доби статус на кандидат за влез во ЕУ.
Пожари во близина на Атина: „Солидарноста на ЕУ на дело“
Во текот на август, огромен шумски пожар во североисточните предградија на Атина принуди илјадници жители да ги напуштат своите домови и предизвика грчка влада да повика на меѓународна помош. Според експертите, ова беше прв пат голем пожар да дојде толку близу до главниот град на Грција.
По пожарите, на 12 август, Грција официјално побара помош од ЕУ. Оттогаш, неколку земји-членки испраќаат помош во земјата. Потпаролот на Европската Комисија изјави дека помошта за Грција вклучувала два авиони од Италија, два хеликоптери од Франција и Србија, пожарникарски единици од Чешка, Франција, Италија, Романија и Србија. Пожарникари од Романија, Малта и Молдавија веќе биле пристигнати Грција, додаде портпаролот.
Романија има подготвено групи пожарникари и специјална опрема за гаснење на пожарите во Грција за периодот од 1 август то 15 септември. Ова за Романија е четврта последователна година каде одговара на вакви барања. Нејзините пожарникари исто така имаат спроведено слични мисии претходни години во Франција, Словенија и Северна Македонија.
Што се однесува до широката поддршка за Грција, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави на платформата „Х“: „Вака изгледа ЕУ солидарност на дело“.
ЕУ мобилизира дополнителна поддршка низ целиот континент
Во текот на летото, ЕУ мобилизира поддршка за да помогне во борбата против пожарите кои ги зафатија Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија и Португалија, откако го активираа механизмот за одговор при катастрофи.
Албанија: Два авиони од Романија пристигнаа во Албанија во август за да помогнат во изолирањето и гасењето пожари во некои области од земјата. Албанското Министерство за одбрана објави дека на 14 и 16 август авионите „Спартан“ и „Херкулес“ интервенираа во гаснење на пожарите во градовите Поградец и Берат.
Босна и Херцеговина: Советот на министри во БиХ побара помош од соседите за гаснење на пожарите што ја погодија земјата оваа година. Помош беше побарана во форма на пожарникарски единици и воздухопловни единици од земјите со кои БиХ има потпишано договори и меморандуми за соработка за заштита и спасување преку ЕМЦЗ. Одлуката ќе биде валидна сè додека опасноста од пожар трае во текот на 2024 година.
Бугарија: Во Бугарија пристигнаа десетици воздухопловни единици, вклучително и авиони и хеликоптери, во борбата против пожарите предизвикани од топлотните бранови на средина на јули. Бугарската влада се заблагодари на помошта и поддршката пружена преку ЕМЦЗ.
Северна Македонија: Во средината на јули, авиони од Хрватска, Србија, Словенија и Турција беа испратени во Северна Македонија за помош при справување со низата пожари кои ја зафатија земјата за време на топлотните бранови. Изгореа стотици хектари шуми, а истовремено властите идентификуваа 12 активни шумски пожари.
Португалија: Во средата, португалската влада најави дека одлучи да го активираа ЕМЦЗ за справување со пожарите што беснеат на островот Мадеира (автономен регион во Португалија) уште од 14 агуст. Според податоците од Европскиот систем за информации за шумски пожари (ЕФФИС) изгореле повеќе од 4930 хектари. Оваа одлука го отвора патот за авиони од произведувачот Канадер да бидат испратени од Шпанија, која веќе ја објави својата подготвеност да понуди два авиона. Тие пристигнаа на островот во четвртокот, 22 август.
Поплавите во Словенија и Италија во 2023 година
Словенија ја увиде важноста на ЕМЦЗ за време на најголемиот регистриран пожар во историјата на земјата во текот на летото 2022 година и катастрофалните поплави кои зафатија две третини од државата во август 2023 година. Во пресрет на поплавите, земјата доби помош од механизмот преку различни начини, од воздухопловна помош во гаснењето на пожарот во регионот на Карст долж границата со Италија, до тешка градежна опрема, хеликоптери и друга форма на помош за поплавите.
Во мај 2023 година, регионот Емилија-Ромања во северна Италија исто беше погоден од катастрофални поплави. Со активирањето на ЕМЦЗ, две екипи за пумпање вода од Словачка и Словенија беа испратени во Равена. Дополнителна помош беше понудена од Австрија, Белгија, Бугарија, Франција, Германија, Полска и Романија.
Повеќе од гаснење пожари: ЕМЦЗ исто нуди медицинска и хуманитарна помош
Иако механизмот најмногу се активира во случај на природни катастрофи, помош може да се побара и во други вонредни ситуации, како што се здравствени кризи и хуманитарни катастрофи во конфликтни области.
На 24 јули беше спроведена првата Европска координирана акција за спас на 16 палестински деца и нивните семејства на кои им беше потребна медицинска помош. Од Египет беа префрлени во Шпанија со финансиска и оперативна помош од ЕМЦЗ, во тесна координација со Светската здравствена организација (СЗО), Палестинскиот фонд за деца и палестинските власти.
Од почетокот на јануари, ЕУ исто така ја поддржува Координативната единица на медицинските екипи за итна помош на СЗО во Газа со седиште во Каиро, со 22 експерти распоредени од земјите учеснички од ЕУ и ЕМЦЗ.
За време на Ковид-19 пандемијата, ЕУ го координираше распоредувањето на медицински тимови во најзасегнатите области, ја олесни набавката на дополнителна заштитна опрема и го активираше Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ за да ја координира поддршката 24/7.
Покрај тоа, со оглед на војната на Русија во Украина, Европската комисија координира голема операција во рамките на ЕМЦЗ. 27 земји-членки на ЕУ (плус Исланд, Северна Македонија, Норвешка, Србија и Турција) понудија помош што вклучува медицински производи и материјали за засолнување до возила и енергетска опрема. ЕУ исто така воспостави логистички центри во Полска, Романија и Словачка за поефикасно испраќање на средствата во Украина.
Сторијата се објавува двапати неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.