Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

На 13 август, Африканските центри за контрола и превенција на болести го прогласија Мпокс – порано познат како мајмунски сипаници – за континентална вонредна состојба во јавното здравје и побараа меѓународна помош за да ја достигнат целта од два милиони вакцинации.

Ден подоцна, Светската здравствена организација (СЗO) го огласи највисокиот можен аларм поради ширењето на Мпокс во Африка како и поради нова, потенцијално позаразна варијанта, но повика на смиреност откако беше детектиран првиот увезен случај на болеста во Европа.

Вирусот предизвикува осип, треска и болка во мускулите. Симптомите во главно се лечат со лекови за спречување треска, болка или алергиска реакција. Иако постојат две вакцини против вирусот, нема доволно залихи на вакцини во Африка.

Првиот случај на Мпокс кај луѓе бил регистриран во 1970, во Демократската Република Конго и болеста се смета за ендемична за државите во централна и западна Африка.

Новата варијанта регистрирана надвор од Африка, но Мпокс „не е новиот Ковид“

Нов клад – или варијанта – се шири во Демократската Република Конго уште од крајот на минатата година. Според СЗО, повеќе од 18 000 сомнителни случаи и 575 смртни случаи биле регистрирани во државата годинава.

Од неодамна заразната болест се прошири и во други африкански држави, вклучувајќи ги Кенија, Руанда, Бурунди и Уганда каде има повеќе од 200 потврдени случаи предизвикани од новата варијанта 1б. Варијанта беше детектирана и во Шведска и Тајланд кај луѓе кои патувале во Африка.

Експертите веруваат дека новата варијанта (наречена клад I) е веројатно позаразна од претходните варијанти и може да предизвика потешки случаи на болеста. Сепак, во главно Мпокс не се пренесува лесно и директен контакт е потребен за ширење на болеста.

Во разговор со новинари на 20 август директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, рече дека вирусот, откако се појави во 2022, е присутен во регионот во форма на претходна, помалку агресивна варијанта наречена клад II. Според Клуге, околу 100 случаи предизвикани од оваа варијанта се регистрираат месечно во Европа, но тој потенцираше дека „Мпокс не е новиот Ковид“.

„Веќе знаеме прилично многу за клад II,“ рече Клуге и додаде дека „сѐ уште треба дознаеме повеќе за клад I,“ кој ја предизвика епидемијата во централна и источна Африка.

Во јули 2022, СЗО ја прогласи првата глобална вонредна состојба во јавното здравје поврзана со Мпокс, која заврши во мај 2023. Над 22 000 случаи на Мпокс беа детектирани во Европа во периодот 2022-2023.

Во понеделникот СЗО процени дека ќе ѝ бидат потребни 135 милиони американски долари во следните шест месеци за борбата против Мпокс, не вклучувајќи ги трошоците за две милиони вакцини, според планскиот документ на здравствената агенција на ОН. Парите во главно би се инвестирале во дијагностички тестови и истражувања, соопшти СЗО.

Нема вонредна состоја во Европа, солидарноста е клучна за справување со болеста

Портпарол на Европската комсија на 20 август рече дека моменталната ситуација во Европа „не би требало да се смета како вонредна состојба во јавното здравје“. Во документ за проценка на опасноста, Европскиот центар за превенција и контрола на болести процени дека најверојатно ќе бидат регистрирани дополнителни увезени случаи но смета дека ризикот кон пошироката јавност во ЕУ/ЕЕА е низок.

По состанок со Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Европската агенција за лекови, Комитетот на ЕК за здравствена безбедност заклучи дека нема потреба од воведување на мерки како гранични контроли или вакцинација на општото население.

Европската комисија ги праша земјите членки за нивните намери да донираат вакцини против Мпокс на погодените африкански држави и понуди да го координира процесот.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, испрати писмо на 22 август до европските министри за здравство повикувајќи на координирана акција во „духот на глобална солидарност и соработка“ во рамки на програмата „Тим Европа“ која се користеше за време на пандемијата од Ковид.

Во средината на август, Европската комисија соопшти дека Европската унија ќе им испрати 175 420 дози вакцини на Африкансите центри за контрола и превенција на болести.

Комисијата рече дека ќе ги набави вакцините преку нејзината Управа за подготвеност и одговор при вонредни случаи во здравството (ХЕРА). Фармацевтската компанија Бавариан нордик, која ја произведува вакцината, ќе ѝ донира 40 000 дози на ХЕРА, соопшти ЕК.

Во понеделникот, германски владин портпарол рече дека државата ќе донира 100 000 дози од вакцината за Мпокс на африканските држави погодени од болеста. На среден рок, Германија, заедно со европските партнери, ќе ги поддржи напорите на Африканската унија да започне локално производство на вакцината, рече портпаролот.

Членките на ЕУ се подготвуваат

Неколку европски држави ги советуваат своите граѓани да бидат внимателни при патување во погодените региони, воведувајќи мерки во случај на можни инфекции додека препораките за вакцинација остануваат да важат само за ризичните групи. ЕУ и националните здравствени власти се смирени но внимателни.

Во Шведска, каде беше регистриран првиот случај предизвикан од новата варијанта во Европа во средината на август, беше активирана посебна владина кризна група наречена ГСС.

„Сериозно ја сфаќам ситуацијата, но нема причина за голема загриженост. Опасноста од ширење е ниска и добро сме спремни за ова, со добри рутини во здравствениот систем,“ рече шведскиот министер за здравство Јакоб Форсмед.

Шведска објави нови совети за луѓето кои патуваат во најпогодените држави во Африка, како и препораки за на кого би му била потребна вакцината.

„На повеќето луѓе кои патуваат таму не им е потребна вакцината. Вакцината би можела да биде значајна за здравствени и болнички работници, хуманитарни работници и други во најпогодените региони. Имаме доволно вакцини за сите кои спаѓаат во овие групи,“ главниот епидемиолог Магнус Гислен рече за Шведската новинска агенција ТТ.

Чешкото министерството за здравство рече дека луѓето кои ќе патуваат во африканските држави каде што е присутна болеста треба да се консултираат со центар за вакцинација и патна медицина околу потребата од вакцинација и други превентивне мерки. Портпарол на министерството додаде дека земјата има доволно вакцини.

Шпанското министерство за здравство тврди дека и Шпанија има доволно вакцини. На 21 август, министерката за здравство Моника Гарсија испрати порака за смиреност и внимателност. Гарсија додаде „ќе се држиме, како и секогаш, до науката и препораките координирани на европско и глобално ниво“.

Холандскиот државен институт за јавно здравје и околина очекува дека новата варијанта „веројатно“ ќе пристигне и во Холандија. „Веднаш штом детектираме случај предизвикан од новата варијанта, лицето ќе биде изолирано и ќе се истражи потеклото на заразата како и контактите на лицето. Очекуваме брзо да го ограничиме ширењето на вирусот,“ соопшти институтот. Министерството за здравство, благосостојба и спорт соопшти дека има „околу“ 100 000 вакцини на распологање, што смета дека е значаен број на вакцини со оглед на бројот на случаи од кога почна да се шири вирусот во 2022.

Италијанскиот национален институт за здравје не препорачува вакцинација за општото население, наведувајќи дека „во моментот вакцини се нудат на одредени категории на луѓе кои се најзагрозени“. Министерството за здравство на земјата лансираше веб страна за Мпокс која соддржи информации за болеста, стратегија за имунизација, како и дел посветен на лажни вести меѓу другото.

Словенскиот национален институт за јавно здравје проценува дека имунизација на општото населние против Мпокс не е ниту потребна ниту препорачлива во моментот. Вакцината се препорачува за луѓе кои работат во лабаратории и здравствени работници со висока изложеност, како и хуманитарни работници кои планираат да работат во погодените региони.

Откако се појави првиот случај предизвикан од новата варијанта во Европа, Бугарските здравствени власи рекоа дека опасноста од ширење на болеста во државата е минимална и затоа не предвидуваат дополнителни посебни мерки за да го спречат ширењето на болеста.

Сторијата се објавува двапати неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.