Скопје – Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски учествува на средбата на лидерите од Западен Балкан во рамки на Самитот за Берлински процес, што на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц се одржува во Берлин.
Во делегацијата се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
На Самитот најавено е учество на премиерите на шесте земји од регионот на ЗБ, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и на претставници на членки на ЕУ од регионот и на регионални и меѓународни организации.
На самитот ќе се одржат неколку сесии на кои Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка, енергетска стабилност и трансформација. Ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во ЗБ. (3 ноември)
Донесени законските измени за здруженија и партии, со нив се заштитува антифашистичкото минато на државата
Скопје – Без ниту еден глас против, ниту воздржани, пратениците и од власта и од опозицијата со 67 гласови „за“ вчера ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.
Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Со измените на двата закони се предвидува отфрлување на фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот во сите општествени форми на здружување. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени. (3 ноември)
Рекореден Предлог-буџет за справување со кризата и фискална консолидација
Скопје – Предлог-буџетот за 2023 предвидува вкупни приходи од 4,58, расходи од 5,28 милијарди евра и буџетски дефицит на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. Економски раст се очекува да биде 2,9 проценти, а инфлацијата 7,1 процент. Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова е најгломазниот буџет, и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост.
Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција посочи дека Предлог-буџетот има за цел да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.
Буџетот за следната година, како што рече Бесими, ги содржи клучните елементи на среднорочната фискална политика, односно заложбата за постепена фискална консолидација, одржување на макроекономскта стабилност и забрзување на економскиот раст. (3 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.