Брисел – Дозволувајќи им на билатералните прашања да доминираат во процесот за пристап кон ЕУ, ризикуваме да го претвориме овој механизам во алатка на поделба, наместо да биде алатка на единство, порача шефот на македонската дипломатија во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
– Бугарската континуирана употреба на вето во процесот на пристапување во ЕУ е особено болна блокада на нашиот пат. Таа не само што го запира нашиот напредок, туку и испраќа обесхрабрувачки сигнал за состојбата на европската солидарност и меѓусебното почитување, рече Муцунски.
Според него, со ваквите политики и постапки во последните години се создава недоверба, се изложуваат на ризик длабоките врски меѓу луѓето градени со генерации и врз сопствените искуства и се загрозуваат нашите добрососедски односи.
– Дозволете ми да бидам јасен, нашата држава и влада остануваат посветени на дијалогот и помирувањето. Подготвени сме да се ангажираме со добра волја за постигнување решенија, кои го почитуваат минатото додека градат подобра иднина. Но, ова мора да биде заеднички напор. Напредокот не може да дојде од еднострани барања, тоа бара разбирање за меѓусебно почитување и храброст за двете страни. Ја повикуваме Бугарија да ни се придружи во ова и може заедно да ги надмине овие предизвици и да изградиме врска што го одразува вистинскиот дух на европското партнерство, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Според него, еден од начините за подобро разбирање е развивањето на културната дипломатија, како надоврзување на политичкиот ангажман.
– Ако постои реално разбирање дека нашиот пат е патот кон европската иднина за целиот регион, тогаш без сомнение, сите предизвици што ги имаме пред нас, без разлика колку и да се тешки, ќе бидат надминати. Но, во меѓувреме треба да изградиме доверба меѓу себе, додаде Муцунски.
Тој истакна дека Северна Македонија останува непоколеблива на својата определба за членство во ЕУ, што не е само политички амбициозна сила, таа претставува длабоко трансформативен процес во центарот на агендата на Владата, насочен кон клучни реформи во владеењето на правото, јавната администрација и економското управување и тие не се насочени само кон остварување на поставените одредници, туку и кон создавање подобро општество за луѓето, кое ќе ги отелотворува вредностите што земјата ги споделува со Европа. (2 декември )
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.