Брисел – Министрите за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија, како дел од групата Пријатели на Западен Балкан, испратија заедничко писмо до шефицата на европската дипломатија Каја Калас и до комесарката за проширување Марта Кос, во кое порачуваат дека е време за решителен напредок во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и презентираат конкретни чекори за поддршка на регионот на неговиот пат кон ЕУ.
Во писмото до Калас и Кос, Пријателите на Западен Балкан наведуваат дека „со агресивната војна на Русија против Украина и другите безбедносни предизвици за нашиот континент, политиката на проширување, една од најефикасните геополитички алатки на ЕУ, доби нова и моќен поттик“. Како што посочуваат министрите, во таа смисла, Западен Балкан ќе биде геостратешки лакмус тест за Европската унија. – Само со интегрирање на овој регион во нашето семејство на ЕУ можеме да обезбедиме стабилност и просперитет на нашиот континент, се вели во писмото.
Се искажува целосна поддршка за одлуката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ја задолжи комесарката Кос да го унапреди процесот на проширување „во следните критични години, надградувајќи го со обновениот моментум“ и да работи на постепена интеграција.
– Ќе продолжиме да поддржуваме уште подинамичен, кредибилен и ефикасен процес на проширување. Дојде време за одлучувачки напредок и ние ќе продолжиме да му помагаме на регионот да ги постигне суштинските чекори на патот кон пристапување во ЕУ, се вели во писмото.
Министрите повикуваат на воспоставување јасна агенда и временска рамка за целосна имплементација на Планот за раст и унапредување на постепената интеграција во единствениот пазар, како и во другите политики на ЕУ, кога ќе се исполнат сите потребни услови. Пријателите на Западен Балкан сметаат дека тоа треба да обезбеди опиплива перспектива за членство во ЕУ и да произведе повидливи резултати за граѓаните на Западен Балкан, особено за младите, како и да придонесе за зајакнување на нивната поддршка за ЕУ.
За да се постигнат овие цели, тие ги охрабруваат партнерите од Западен Балкан да ги забрзаат неопходните реформи, да се ангажираат за регионална соработка, да ги поттикнуваат добрососедските односи преку помирување и решавање на отворените прашања и да спроведат заеднички регионален пазар кој е „отскочна даска кон единствениот пазар“. (16 декември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.