Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Стразбур – Бугарија повеќе да не го одбива регистрирањето на здруженија кои имаат за цел „признавање на македонско малцинство во Бугарија“, врз основа на мотиви кои се во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права, побара извршниот орган на најстарата паневропска организација на 451. состанок на Комитетот на министри на Совет на Европа.

Станива збор за пресудите што се однесуваат на барањата на „Обединета македонска организација Илинден“, „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и „Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“ кои се разгледуваат како „комплексен проблем.

Комитетот жали поради фактот што, и покрај усвојувањето на Привремената резолуција и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата правосилна пресуда во оваа група, здруженијата кои имаат за цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ продолжуваат да бидат рутински одбиени за регистрација, првенствено поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели. (10 декември)

Шоле и Ескобар ја одложија посетата на Скопје за по Нова година

Скопје – Советникот на државниот секретар на САД Дерек Шоле наместо в среда како што беше најавено од Стејт депратментот, ќе ја посети Северна Македонија по Нова година, потврдија за МИА од Амбасадата на САД во Скопје.

Од Амбасадата велат дека добиле известување оти американскиот тим кој денеска е во Косово, ја одложува посетата на Скопје по Нова година. Нема објаснување кои се причините за одложувањето.

Заедно со Шоле во Скопје се очекуваше да допатува и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера е во Косово.

Според првичната најава од Стејт департментот, Шоле во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Освен земјава, во програмата на Шоле од 11 до 17 декември, беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија. (12 декември)

Ковачевски за МИА: Судството да обезбеди неприкосновена независност и интегритет во работењето

Скопје – Судската власт е независна власт, ниту сакам ниту дозволувам мешање во нивната работа. Владата во рамки на ингеренциите, обезбедува услови за непречено и независно функционирање на судството, но сите заедно како општество мора да дадеме придонес во решавање на корупцијата и да се осигураме дека судството како фела ќе изнајде решение кое ќе е по највисоки демократски стандарди и принципи и кое ќе обезбеди и денес и во иднина неприкосновена независност и интегритет во работењето, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Ковачевски нагласува дека она што како Влада им е важно е да се отстрани од јавниот дискурс прашањето за политичкото или партиското влијание врз судството.

– Затоа апелираме што поскоро да се обезбеди простор од страна на судските авторитети за изнаоѓање на демократко, системско решение кое ќе обезбеди долгорочно унапредување на владеењето на правото. Сето ова секако нема да е краток процес, но ние, ако сакаме да сме земја членка на ЕУ, едноставно, мора да го направиме тоа, рече тој. (11 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.