Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските компании, работници и потрошувачи – објави Европската комисија, коментирајќи ги тарифите што ги најави претседателот на САД Доналд Трамп за челик и алуминиум од ЕУ. Според проценката на ЕК, со воведувањето на тарифите, администрацијата на САД ќе ги оданочи сопствените граѓани и ќе го поттикне инфлацијата.
Претседателот Трамп најави дека во понеделник ќе воведе 25-процентни тарифи за странскиот челик и алуминиум, како и дополнителни тарифи за низа држави. Слични тарифи – 25 проценти за челик и 10 проценти за алуминиум – Трамп воведе веќе за време на првиот мандат, но делумно беа исклучени од нив Канада, Мексико и Бразил, а за време на претседателството на Џо Бајден исто така и Европската унија, Јапонија и Обединетото Кралство.
“На оваа фаза не добивме никакво официјално известување за воведување дополнителни тарифи на стоките од ЕУ” – изјави портпаролот на ЕК за трговија Олоф Џил за ПАП. “Нема да коментираме општи објави без детали или пишани објаснувања” – додаде тој.
Според проценката на ЕК нема генерално оправдание за воведување тарифи на извозот од унијата. “Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските компании, работници и потрошувачи од неоснованите мерки” – изјави Комисијата.
Како што истакна извршниот орган на ЕУ, одговорен за трговската политика, воведувањето тарифи би било незаконско и економски непродуктивно, особено имајќи ги предвид длабоко интегрираните производствени ланци помеѓу ЕУ и САД.
“Тарифите се суштински даноци. Со нивно воведување, САД би ги оданочиле сопствените граѓани, зголемувајќи ги трошоците за компаниите и поттикнувајќи го инфлацијата. Покрај тоа, тарифите ја зголемуваат економската несигурност и ги нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари” – смета ЕК.
Трамп ги најави тарифите за време на прес-конференција на авионот Air Force One на пат од Флорида до Њу Орлеанс на натпреварот Супер Боул, односно финалето на натпреварувањата во американскиот фудбал на НФЛ. (10.02.2025)